Image Alt

Инфо центар за евроатлантски интеграции

Дебата: „Идните чекори после НАТО“

Денови ја делат државата од членството во НАТО, но сѐ уште се потребни реформи во безбедноста , судството, системот за справување со кризи, како и менување на перцепцијата на политичките елити дека партиските интереси не треба да предничат пред државните, порачаа дел од дискутантите на дебатата „Идните чекори после НАТО“. Во фокус на дискусијата беше предлогот за формирање НАТО-центар за извонредност , односно регионален центар за справување со кризи.

„Во последниов период сме сведоци на низата земјотреси што се случија во Албанија,пожарите кои беа активни оваа година кај нас, кога најзагрозен беше националниот парк Галичица и сите други елементарни непогоди кои се случија во регионот. Во таа насока сметам дека нашите сојузници во НАТО би ги делеле истите вредности и би ни помогнале во овие намери“, рече Елмас Хасановиќ – Фулбрајт алумни, програм координатор на Инфо центар за евроатлантски интеграции.

Говорниците се осврнаа и на актуелните политички случувања за кои оценија дека не се во интерес на стратешките определби на државата за членството во НАТО и ЕУ.

„Почитувањето на Уставот е број еден приоритет за земја членка на НАТО, односно практикување вистинско на она што ни го зацртува Уставот. И да не доаѓаме во ситуации кога во Македонија ќе отвориме сосема непотребна дебата за меко или тврдо толкување на Уставот, а странските претставници, нашите Нато партнери да се исплашат дека влегува во НАТО земја во која политичките елити дискутираат за тврдо или меко практикување на Уставот. Тоа е недозволиво во една НАТО земја членка“, оценува Петар Богојески -Унија на европски федералисти во Македонија.

„Од една страна во Собранието се залагаш и ќе го гласаш да кажеме Договорот со кој што стануваш членка на НАТО под името Република Северна Македонија, а од друга да блокираш закон поради истото тоа име е апсурд и не може така. Мора да се стави точка на тоа политиканство“, рече Зеќир Рамчиловиќ – потпретседател на Собрание на РСМ.

Панел дискусијата е во организација на Македонско-aмериканската aлумни aсоцијација и Унијата на eвропски федералисти во Македонија.

Add Comment