Дебатираме за НАТО со г-дин Стево Пендаровски

Инфо Центар За Евроатлантски Интеграции
01
Mar

Дебатираме за НАТО со г-дин Стево Пендаровски

Инфо Центар За Евроатлантски Интеграции

СОЛИДАРНОСТА Е КЛУЧНИОТ ПРИНЦИП НА НАТО

Солидарноста е клучниот принцип на НАТО, истакна Националниот координатор за подготовка за членство на Република Македонија НАТО, г. Стево Пендаровски на дискусијата „Дебатираме за НАТО“ која се одржа денес во просториите на Инфо центарот за евроатлантски интеграции и која се пренесуваше во живо на Фејсбук со можност за поставување прашања.

Во текот на дискусијата г. Пендаровски ги истакна различните придобивки кои Македонија ќе ги ужива од членството во НАТО, но исто така посочи и дека и досега, иако Македонија се уште не е членка, НАТО и помагал на Македонија, како на пример во текот на и после конфликтот во 2001, кога помогна кризата да се реши преку институционален пат. Исто така, реформите во одбраната се имплементираат со помош на експерти од НАТО, а НАТО помага и при хуманитарни акции. Првата ЕУ мисија „Конкордија“ се спроведе во Македонија, што всушност претставуваше преземање на дотогашната мисија на НАТО, при што беше потпишан и договор за преземање на ресурсите и капацитетите на НАТО во рамките на новата мисија на ЕУ.
Со влегувањето во НАТО Македонија дефинитивно ќе стане субјект во меѓународното право и политика и станува дел од колективната одбрана на НАТО, што ќе ја гарантира безбедноста на државата. Сите етнички заедници го поддржуваат членството во НАТО и поради тоа многу е важно да се спроведуваат проекти кои ја зајакнуваат кохезијата во општеството и државата.
Што се однесува до економските придобивки, тој истакна дека влезот во НАТО ќе придонесе кон зголемување на странските директни инвестиции, посочувајќи го фактот дека сите земји од регионот кои влегоа во НАТО имаа раст на странските директни инвестиции.
Господинот Пендаровски одговараше и на прашања поврзани со науката технологијата и посочи дека буџетот на НАТО се користи и за научно-истражувачки цели, нешто што Македонија треба да го искористи. Постојат и фондови за студенти, а треба да обрне внимание и на компонентите, материјалите и опремата кои може да се користат и за воени и за цивилни цели.